„Стари“ кадри за свежина во политичкото дејствување на СДСМ

Социјалдемократите на седница на Централниот одбор го бираат новото раководство. Предлозите на Димитар Ковачевски за негови соработници вклучуваат имиња на актуелни, но и поранешни високи партиски функционери, иако од Бихаќка засега нема потврда за тоа кој сè се нашол на списокот на новиот претседател.
„Во овој момент е неблагодарно да лицитираме со конкретни имиња, пред членовите на Централниот одбор да ја донесат конечната одлука за избор на новото раководство“, рече Стефан Васев, СДСМ.
Покрај лицата што важеа за блиски до Зоран Заев, во клучните партиски тела се очекува да влезат и Андреј Петров и Игор Ивановски, кои заземаа значајни позиции кога претседател на партијата беше Бранко Црвенковски. Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, ова е потег на Ковачевски да ги обедини двете фракции.
„Дали ќе успее треба да оставиме простор. Јас сум припадник на ставот дека партиите треба да бидат суверени во изборот на своите кадри и дека треба да судиме по резултатите. Ова можеме да го коментираме како некаква политичка најава за обединување, но треба да ги почекаме резултатите“, рече Петар Арсовски, политики аналитичар.
Арсовски смета дека самата промена во врвот најавува и дисконтинуитет во политиките.
„Имињата сами по себе не се непознати, но вистинското прашање е дали новиот начин на функционирање, иако со стари имиња, ќе биде освежување во СДСМ. Односно дали Ковачевски ќе промени нешто во функционирањето на партијата, во нејзините политики и во нивната имплементација, па ќе видиме дали станува збор за освежување“, додава Арсовски.
На седницата на Централниот одбор на СДСМ, покрај редовните функции и органи, се очекува да биде презентирано и ново партиско тело – Совет за креирање и имплементација на политики.
Лука Андреев