Стартува дебатата за ребалансот, ќе се кратат 100 милиони евра

Ребалансот на буџетот ќе обезбеди стабилна економија во земјава и излез од енергетската криза. Ова е дел од излагањето на министерот за финансии Фатмир Бесими на првиот ден на пленарната расправа по предлог ребалансот на буџетот за годинава. Во полупразна сала пратениците почнаа со петдневната расправа за новото прекројување на државната каса.
„Овој ребаланс на буџет ќе ѝ помогне на економијата да се справи со енергетската криза и инфлацијата, но исто така да даде можност за одржлив развој на државата и исто така да даде економска стабилност“, рече Бесими.
Опозициските партии со низа критики за ребалансот. Ниски капитални инвестиции, непотребни задолжувања, зголемени непродуктивни трошења наместо намалување, се дел од забелешките на опозициските партии.
„Имаме историски најголема инфлација од 14,5 проценти, историски најголем јавен долг експлозија на цени на основни прехранбени производи, троцифрена цена на горива, струја која поскапува шест месеци, најмали плати, најмал раст, а сепак најбогата владина коалиција“, рече Бојан Стојановски- Пратеник на ВМРО -ДПМНЕ.
„Почитуван министре мојата забелешка е дека на почеток рековте дека една од причините за ребаланс е чувањето на фискалната стабилност бидејќи имаме зголемување на приходите и овие приходи се резултат на зголемување на цените и ние предложивме да имаме намалување на акцизата на дериватите и вие тоа не го прифативте“, рече Елми Азири- Пратеник на Алијанса на Албанците.
Со ребалансот на буџетот, владата ги скрати капиталните инвестиции за речиси 100 милиони евра. Дел од нив, 76 милиони, ќе се пренаменат за антикризни мерки, а останатите за договореното зголемување на платите во образованието и за повисоки пензии од септември.
Андреа Чобанова