

Алсат
18.02.2020 08:53
Бременоста е период од животот кој во целост треба да се ужива, бидејќи тие 9 месеци нема никогаш да се вратат, а никој во околината нема повторно да ве третира како тогаш.
Тоа е време кога заслужувате да бидете разгалени, да бидете преплавени со внимание. Што и да посакате, тогаш ќе ви биде исполнето, секако ако е во граници на разумност.
Затоа ставете се себеси на прво место секогаш, без разлика со какви коментари ќе се соочите. Бременоста се доживува од секоја жена различно, во зависност од подготвеноста на организмот да го издржи товарот кој го носи.
За голем дел од жените, да се работи за време на бременоста претставува тешкотија, посебно во првите три месеци кога симптомите се многу изразени, како вртоглавици, гадење, повраќање, срцебиење.. Како што расте бебето, така и тежината што ја носи жената се зголемува, а тешкотиите понеподносливи.
Заморот е една од пречките со која се соочува трудницата. Во ред е да бидете заморни и нека не ве плаши тоа, но мора да знаете дека треба да го почитувате телото и да слушате што има ви каже. Одморете се, легнете, преспијте и ќе се чувствувате многу подобро.
Нека не ве плаши ниту фактот што сега немате сила да ги одработите оние 12 часа, кои претходно без проблем ги работевте. Сега чувствувате слабост, изнемоштеност, која ќе ја надминете со мали одмори по неколку пати во денот, а легнување рано навечер нека ви биде навика.
Секогаш ќе има луѓе кои ќе мислат дека ја користите бременоста како изговор за одбегнување на обврски. Не им дозволувајте да ви го пореметат мирот од едноставна причина што не им должите објаснување зошто се движите како што се движите, зошто мора да седнете ако стоите на нозе или пак да јадете нешто слатко ако ви падне шеќерот. Бременоста не е изговор, туку реална состојба на која треба да се внимава.
Ќе има и луѓе кои сметаат дека бременоста не значи никаква промена, не е различна состојба од претходно, туку само изгледот е тој кој трпи промени. Истите тие ќе ви дадат еден тон обврски, нема да сфатат кога ќе кажете дека не смеете да кренете ништо тешко, нема да ви отстапат ред во банка, во супермаркет на каса и слично. Уште една група на луѓе кои треба да ги одбегнете.
Престанете да се грижите за сè и сешто. Престанете да се грижите за тоа како истата влијае на колегите на работа, дали тие ќе имаат разбирање за тоа или не, како ќе ве доживуваат. Тоа нека биде нивни проблем. Како сакаат нека ве доживуваат.
Само за пример, Во САД благодарение на U.S. Equal Opportunity Commision, ако трудницата не е во можност да ги извршува работните должности, тогаш добива еднакви права за време на бременоста како и други работници кои се привремено неспособни за работа. Тоа значи дека секој жена има право да биде истретирана со почит и според правата кои ѝ следуваат.
Запамтете дека вие создавате нов живот во вас и тоа треба да ви биде мисла која ќе ве води. Ставете се себеси на прво место, затоа што во овој момент сте најважни.