Ставени во функција електронските алки за издржување казна куќен затвор

Долгонајавуваните електронски алки за затворениците стануваат реалност во македонските затвори. Алките се очекува да придонесат за намалување на пренатрупаноста во затворите, а до овој момент околу 60 затвореници ги исполнуваат условите да добијат електронска алка и казната да ја издржуваат во домашни услови, под 24-часовен електронски надзор. Електронските алки, затворениците можат да ги добијат и по сопствено барање.
„Можноста за да побараат алка е преку два начини – едно е самите затвореници да побараат или преку нивни овластени лица адвокати или самите затвори. Ние, за оние коишто ќе поднесат барање оставаме на нив, а оние коишто нема да поднесат, затворите ќе бидат тие коишто ќе поднесат барање за нив до судовите. Позитивните закони во Македонија овозможуваат на три категории затвореници да имаат алки. Тоа е на стари и изнемоштени лица, бремени жени или мајки со мали дечиња и третата категорија е на тешко болни или на луѓе со инвалидитет“, рече Александар Пандов, директор на управата за извршување на санкции.
Според министерот за правда електронските алатки не се само технолошки уреди, туку алатка за реформа во затворскиот систем.
„Преку нивно користење овозможуваме – алтернатива на затворот, намалување на пренатрупаноста во казнено-поправните установи, подобра ресоцијализација и поголема безбедност на граѓаните. Ова не е само нова техничка надградба, тоа е јасна определба дека правдата може да се спроведува со достоинство и почитување на човековите права“, рече Игор Филков, министер за правда.
Филков најави и нов закон за пробација кој предвидува поширока примена на куќниот притвор и условниот отпуст. Во македонските затвори има 2.300 затвореници и 400 притвореници, а токму електронските алки треба да придонесат во намалувањето на затворската популација.
Михаило Донев