ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Стејт департмент: Охрабруваме да продолжи дијалогот меѓу Скопје и Софија

Вашингтон повикува Скопје и Софија да го продолжат дијалогот. Ова е одговорот на прашањето на Гласот на Америка дали постојат гаранции од бугарските власти дека ќе нема ново вето на евроинтегративниот пат на земјава, откако претходно специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар кажа дека САД се ангажирани со новата влада во Бугарија да осигураат дека ќе нема нови барања.

Advertisements

„САД силно ја поддржуваат целосната интеграција на Северна Македонија во Европската Унија. Европска Унија што го вклучува целиот Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, ќе биде посилна и попросперитетна. Ги охрабруваме владите на Северна Македонија и Бугарија да продолжат со нивниот билатерален дијалог за решавање на разликите, исполнување на претходните договори и поддршка на брзиот пристап на Северна Македонија“, наведуваат од Стејт департментот.

Претходно, бугарски официјални лица истакнаа дека немаат нови услови освен веќе договорените. Сепак, дел од јавноста оваа изјава ја толкува единствено во насока на условот за внес на Бугарите во Уставот, а не и другите обврски преземени со протоколите од Договорот за добрососедство меѓу двете земји. Според шефот на дипломатијата Бујар Османи протоколите не се услов и тие се наоѓаат во општиот дел од преговарачката рамка, а не и во преговарачките поглавја каде постои можноста за вето за прашања од било која област. На ист став е и премиерот Димитар Ковачевски, кој во интервју за МИА кажа дека, покрај уставните измени, не очекува нови услови од Софија. Но, различен став има опозицијата.

„Јасно е дека Бугарија е подготвена преку протоколите и преговарањето за заедничката историја да го смени целосно наративот на македонската историја и државност и истото да го претвори во услов за нашето напредување кон Европа“, рече Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ претходно кажа дека постои канал на комуникација со новите бугарски власти и не очекува одново пречки на евроинтегративниот пат. Тој додаде дека и Софија е свесна дека би имала голем притисок од останатите земји-членки на ЕУ доколку се обиде повторно да блокира за билатерални прашања. Инаку, како што информираа и од МНР, по неколкумесечниот застој во разговорите, сега повторно на иста маса седат експертските тимови на двете министерства. Тие веќе се состанале во Софија, а наредниот состанок ќе се одржи кон крајот на септември во Скопје и како што оценува Османи, сега разговорите течат во конструктивна атмосфера.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button