Стејт департмент: Се преземаат мерки за подобрување на состојбата, но и натаму има случаи на повреда на човековите права

Властите во Северна Македонија преземаат мерки за подобрување на состојбата со човековите права, но и натаму има веродстојни извештаи за нечовечко и понижувачко постапување и пренатрупаност во одредени затворски одделенија, насилство и закани за насилство врз новинари, сериозна владина корупција, недостаток на одговорност за родово и семејно насилство и насилство и закани кон ЛГБТ популацијата, се наведува во извештајот на американскиот Стејт департмент за човекови права за 2022 година.
Во однос на судството и пристапот до правдата, се наведува дека законот забранува произволно апсење и притвор и го предвидува правото на секое лице да ја оспорува законитоста на неговото или нејзиното апсење или притвор на суд, како и да добие надомест за незаконски притвор. Владата генерално ги почитувала овие барања.
Уставот предвидува автономни и независни судови, но властите не секогаш ја почитувале судската независност и непристрасност. Случаите на несоодветно однесување на судството, несоодветниот политички и деловен притисок врз судиите, долготрајната правда, како и несоодветното финансирање и екипирање на судството, продолжија да ја попречуваат ефикасноста на судовите и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото.
Според Судскиот совет, екстремно ниската доверба на јавноста во судството се должи на значителна судска корупција; судиите намерно ги одложуваат судењата или апелационото разгледување за да овозможат застареност, особено во случаи од висок профил во кои се вклучени богати и влијателни бизнисмени или политичари; има судии за кои се смета дека соработуваат со бранителите за поткуп или тргување со влијание; и конфликт на интереси во комбинација со непотизам. И обвинителите покажале непрофесионално однесување и корупција преку слабо гонење и намерно недоволно обвинение кое не е поткрепено со докази.
Во делот за слободата на изразување и медиумите, се констатира дека Уставот предвидува слобода на изразување, вклучително и за медиумите, а владата генерално го почитуваше ова право. Според Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), сепак, владата покажа недостаток на капацитет ефективно да ги санкционира прекршувањата на правата на новинарите и да ја заштити нивната безбедност.