Стоилковиќ го врати албанскиот на веб-страницата на Министерството
Министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ по контрола на Инспекторатот за употреба на јазиците го врати албанскиот јазик на веб-страницата на Министерството. Ова го покажува соопштението на Инспекторатот, откако Алсат поднесе иницијатива против Стоилковиќ, кој е должен да го спроведе Охридскиот договор.
Инспекторатот една недела по објавата ги испрати инспекторите во Министерството на Стоилковиќ, каде што беше констатирано дека на веб-страницата содржините се објавени само на македонски јазик. Министерството им порача на инспекторите дека за пет дена ќе ја приспособат и албанската верзија на веб-страницата.
Инспекторатот, пак, составил записник кој го достави до Министерството за изјаснување и потпис. По прифаќањето на записникот, Министерството на 28 ноември достави допис со докази во прилог дека веб-страницата на албански јазик е во функција. Инспекторатот за употреба на јазиците упати предупредување до министерот за јавна администрација, Горан Минчев, дека не го почитуваат Законот за употреба на јазиците, односно комуницираат со медиумите само на македонски јазик и немаат веб-страница на албански јазик. Инспекторатот му дал рок на министерот Минчев да ги отстрани неправилностите.
Од донесувањето на Законот за употреба на јазиците во 2019 година, ниту една институција или функционер не е казнет за непочитување на албанскиот јазик и покрај тоа што овој закон има висок степен на неспроведување, односно прекршување од страна на државните функционери и институции. Од јуни 2021 до јуни 2024 година, инспекторите извршиле вкупно 357 контроли. Од нив, дури кај 70%, биле констатирани неправилности, односно непочитување на албанскиот јазик од страна на институциите, но Управниот суд не изрекол ниту една парична казна.
Суад Бајрами