Стопанска комора: Бизнисот не може да го издржи ударот од цената на струјата

Во овој момент нема поголем проблем за македонската економија од цената на струјата. Владата мора да најде избалансирани решенија кои ќе му овозможат на бизнис секторот да преживее. Ако тоа не се случи, многу фирми ќе се затворат и ќе се изгубат голем број работни места. Доколку луѓето останат без плата, нема да можат да ги платат сметките, колку и да се тие субвенционирани од Владата, порача денеска Стопанска комора.
Според Комората, потребна е итна реакција зашто времето поминува, а ризициите се зголемуваат.
Комората очекува нејзините предлози оваа недела да бидат разгледани во Владата, но и да бидат прифатени.
-Пред мене имам конкретни податоци за сметката за струја на една компанија членка на Комората. Иако во јули годинава компанијата потрошила помалку струја од јули минатата година, сметката за струја годинава ѝ е речиси шестпати поголема во однос на јули минатата година. Лани за јули платила околу еден милион денари, а годинава за јули вкупно шест милиони денари. Кој бизнис сектор ќе го издржи ова и до кога?, рече потпретседателот на Комората, Зоран Јовановски.