Стопирани работите за крстот на Шапка

По многуте реакции од вчера, како од институциите, така и од политичките партии, денеска на Попова Шапка не продолжија работите за уредување на крстот, поточно осветлувањето. Од инспекторатот вчера било побарано од советот на манастирот да ги достават потребните документи за поставување на крстот во општината, како што е дозволата и мислењето од Националниот парк Шар Планина. Според нашите информации од инспекторатите, од советот на манастирот бил побаран рок од 15 дена за доставување на истите.
Контактиравме и со советот на манастирот. Ни потврдија дека за две недели треба да ги достават бараните документи.
Поставувањето на крстот предизвика и судир меѓу советниците на вонредната седница која ја побара ДУИ.
„Чекаме да излезе првиот човек на инспекторатот и да ни објасни чии се надлежностите за градбите на Попова Шапка. Дали општината има надлежности и кои се тие? Што открил општинскиот инспектор на Попова Шапка?“, рече Лиридон Диша- советник на ДУИ.
„Ја разбирам вашата тенденција, но нема „штоф“ во овој случај за манипулации. Нема простор за манипулации. Направивме увид, направивме записник за платформата и прашавме дали имаат дозвола или немаат, немаат. Потоа бил поставен и втор објект. Следните чекори се праќање на записникот и доколку немаат дозвола се носи решение за уривање. Многу е едноставно“, рече Седат Сулејмани- раководител на општинскиот инспекторат.
Крстот висок 15 метри беше поставен во средата пред дворот на манастирот Свети Наум Охридски. Општина Тетово не дала дозвола за тоа, ниту пак било побарано мислење од Националниот парк Шар Планина. Од Советот на манастирот велат дека не побарале дозвола бидејќи, како што рекоа, се работи за урбана опрема за која не е потребна дозвола.
Башким Сулејмани