Струга, нема епилог за дивата депонија

И по повеќе од една година од почетокот на судскиот процес за дивата градска депонија која веќе една деценија ги труе стружани, епилог нема. Македонското здружение на млади правници (МЗМП) ги тужи општината, Јавното комунално претпријатие и Министерството за животна средина, дека ништо не направиле за да се реши овој голем еколошки проблем. Во моментот предметот е во Апелациониот суд во Битола. Од Здружението бараат судот да забрани понатамошно депонирање на било каков отпад на влезот на Струга и да ги задолжи тужените институции да го исчистат и ревитализираат просторот.
„…Судбината на овој предмет ќе има врска и со судбината на сите депонии кои се наоѓаат во државава. Значи, станува збор за решавање на едно прашање кое може да биде од национален карактер“, изјави Глигорие Ќатоски-адвокат
Во меѓувреме претоварната станица којашто беше изградена пред 4 години и за која се потрошија околу 340.000 евра, пропаѓа и не работи. Таму отпадот требаше да се пресира, селектира и потоа да се транспортира на друго место. Големи беа ветувањата на актуелниот градоначалник Рамиз Мерко дека депонијата ќе се затвори и оти отпадот ќе се носи на друга локација. Наместо тоа, Мерко минатата година изјави дека депонијата добро се одржува и оти дури на неа може да се оди на пикник затоа што не претставувала никаква еколошка опасност. Но, со тоа не се согласуваат научниците.
„Во моментот мислам дека би било најповолно да се конзервира. За жал со таа конзервација не може да се ги заштитиме подземните води кои ги користат земјоделците за наводнување. Кога ќе почнеме тие опасни материи да ги среќаваме во подземните води, тоа е само прашање на време“, изјави Нестор Јаулески-биолог
Според проценките на невладиниот сектор, годишно на дивата депонија кај Струга се трупаат околу 40 илјади тони смет. Во план е слична ваква тужба да биде поднесена и за дивата депонија Буково каде се одлага градскиот смет од Охрид. /Алсат.мк
Мики Трајковски