Струга, опозицијата ја обвинува општината дека узурпира простор под заштита на државата

Опозицијата во Струга обвинува дека локалната власт планира незаконски да го узурпира просторот околу основното училиште Браќа Миладиновци и Центарот за култура. Целата локација е под заштита на државата како споменична целина. Од ВМРО реагираат дека на тој простор општината планира да отвори улица, а во исто време да одземе и дел од Паркот на поезијата.
„…А, сега резултира со узурпација на зградата на основното училиште Браќа Миладиновци што во иднина ни дава сигнали дека можни се присвојувања и узурпации на другите заштитени објекти што се дел од овој цел културен комплекс. Од повеќе културно уметнички друштва имаме сознанија дека има постојани директни и индиректни притисоци да се иселат и да престанат да ги користат овие простории“, рече Ален Деребан-ВМРО ДПМНЕ, Струга.
Во рамките на просторoт има повеќе објекти кои се под заштита. За тоа од Центарот за култура поседувале решение од Управата за културно наследство. Во еден од нив е сместена архива за театарскиот живот во Струга.
„….За делот од северната страна од паркот каде што своевремено е направен паркинг, од државното правобранителство ни беше укажано, ние како правен субјект да ги водиме сите спорови, едноставно како да кажам, се оградија од грижата за државниот имот и државното земјиште“, рече Николина Велковска-директорка на Центар за култура во Струга.
Минатата недела Алсат објави дека на старата училишна зграда на Браќа Миладиновци, се планира да се префрли општината и оти веќе се изведуваат градежни работи. За нив од Завод и музеј Охрид, тврдат дека се прават на диво бидејќи општината не поседувала дозвола за тоа. И денеска прашавме во општина Струга, што планираат да прават на тој простор, но одговор не добивме.
Мики Трајковски