ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Струга со промотивен туристички материјал стар 20 години

Туристичките работници од Струга се жалат дека со години од државата не добиле промотивен пропаганден материјал за градот и неговите знаменитости. Маркетингот е еден од клучните алатки не само за домашните, туку и за потенцијалните странски гости. Материјалите кои донекаде и можат да се најдат се стари 20 години.

Advertisements

„Не постои пропаганден материјал одамна или ние агенциите како промотори на туризмот, без разлика дали е инкаминг или аутгоинг, не сме добиле таков материјал. Малку се посветува внимание на тоа. Треба да се припремиш за туризмот, за гостинот кој ќе дојде…“, вели Елизабета Попоска- туристички работник.

Во Струга нема ниту туристичко биро, па странските гости тешко доаѓаат до информации и сами лутаат по улиците. Некои од објектите кои служат како музеи, како на пример куќата на Браќа Миладиновци или Природно-научниот музеј работат само за групи, а не и за поединци.

„Ако група му се најави може да ги посети, ако нема најава на група тие не работат, не е во ред. Не доаѓаат сите организирано… Не постои пропаганден материјал со кои може да ги упатиш што треба да видиш“, додава Поповска.

За подобар туризам и повеќе гости, велат хотелиерите, потребна е и подобра инфраструктура, како и средување на проблемите со кои градот се соочува, како што се кучињата-скитници, бројните диви депонии во и околу градот.

„За секој туризам прва и најбитна работа е инфраструктурата, која мора да се среди, плажите да се средат, ноќниот живот и сè друго кое треба да го средат Владата или општината за да имаме подобар туризам“, рече Ерхан Папранику-сопственик на хотел.

Од туристичкиот сектор велат дека мора да се настапи со поорганизирана промоција на Струга во странство, а не само во најблиските околни држави затоа што изминатово лето покажа дека најголемиот број странски гости на езерото дојдоа од Турција, Полска или Холандија.

Инаку, во програмата на оштина Струга за годинава, за општина туристичка пропаганда и материјали беа издвоени само околу 2.000 евра. За веб-страница за промоција на туризмот 3 и пол илјади евра, но таа никогаш не беше изработена. Исто толку пари беа планирани и за креирање и одржување на смарт-апликации за туризам, но ги нема ниту нив.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button