МАКЕДОНИЈА

Струшката дива депонија се сели во Стразбург

Откако македонските судови, Основниот суд во Струга и Апелација во Битола, се изјаснија за ненадлежни, прашањето за дивата депонија кај Струга и официјално се пресели во Судот за човекови права во Стразбург, по цели 4 години талкање низ судските лавиринти во земјава. Македонското здружение на млади правници ги тужи Општина Струга, Јавното комунално претпријатие од Струга и Министерството за животна средина, дека ништо не направиле за да се реши овој сериозен проблем, со кој со години се соочуваат стружани. Тие бараа судот да забрани понатамошно депонирање на отпад, а просторот да се исчисти и ревитализира.

Advertisements

„Идејата на здружението е секогаш кога било која домашна постпака пред националните судови нема да успее е да се оди пред Европскиот суд за човекови права поради тоа што сметаме дека само на тој начин може да се операционализираат сите оние стандарди, кои самиот европски суд во повеќе пресуди ги воспоставил во оваа област“, рече Бојан Трпески – Македонското здружение на млади правници.

Со тужбата се бара, судот во Стразбург да утврди повреда на правото на приватен и семен живот, како и повреда на правото на ефективен правен лек.

„Со апликацијата бараме повреда на правото на пристап до суд односно правично судење. Доколку ваква повреда биде констатирана од Европскиот суд за човекови права тогаш согласно одредбите од Законот за парнична постапка, можеме да бараме повторување на постапката пред домашните судови, со тоа што овој пат домашните судови ќе имаат обврска да влезат во суштинско решавање на она што беше наведено во тужбата и нема да имаат можност домашните судови во конкретниот случај да се повикуваат на немање на судска надлежност“, рече Глигорие Ќатоски-адвокат.

Одлуката на домашните судови е повеќе од разочарувачка вели Ќатоски.

„Ние доставивме обемна пракса од Европскиот суд за човекови права, каде е наведено дека решавањето на спорни прашања од областа на животна средина, како е во конкретниот случај, спаѓа во судска надлежност на домашните судови. Затоа има и бројни пресуди од Европскиот суд“, додава Ќатоски.

Депонијата е лоцирана на 500 метри од првите куќи во Струга и во близина на Охридското Езеро и овде секоја година се депонираат повеќе од 40.000 тони најдразновиден смет. Се простира на површина од четири фудбалски игралишта. Одлагањето на отпад на оваа локација започна во 2006 година, како привремено решение, но остана до денес Депонијата е висока повеќе од 18 метри и ископана до длабочина од околу 10 метри. Градоначалникот Мерко во неколку наврати ветуваше решение на проблемот и нејзина дислокација на друго место, но стружани добија само празни зборови.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button