Струшки Водовод не наплаќа 60% од потрошената вода
Струшки Водовод не наплаќа 60% од потрошената вода

Дури 61,7 % од вкупниот капацитет на вода, од водоснабдителниот систем во Струга, минатата 2024 година, струшки Водовод не успеал да ги фактурира, односно да ги наплати, додека во 2023, тој процент е 61,5%. Од вкупно 4 милиони 312.000 метри кубни произведена вода, само за 1,6 милиони, претпријатието успеало да изврши наплата. Тоа се големи загуби за Водовод и канализација, кое и така се соочува со големи проблеми. Во годишниот извештај на ова јавно претпријатие, како главни причини за ваквата состојба се наведуваат, повеќе фактори.
„Дефекти и време на нивна поправка. Неутврдени дефекти како резултат на стар водоводен систем. Неможност за брза евиденција на дефект, бидејки цевките се подземни што резултира со неевидентирана потрошувачка на вода. Празнење на резервоари поради нивно санитарно перење. Некоректна и неодобрена потрошувачка од страна на корисниците“, се вели во Годишен извештај за 2024 година на ЈП Водовод Струга.
СИСТЕМОТ Е ЗАСТАРЕН, А ДЕФЕКТИТЕ ДОЦНА СЕ САНИРААТ
Но директорот, Дашмир Насуфуи вели дека загубите се 30 %.
„Оваа статистика не е точна. Статистиката е преземена од 2021 година, бидејки минатата година немавме можност да имаме нови анализи, бидејќи беше многу топло. Според нашите анализи околу 30 % била загубата на вода. За тоа има две причини. Едната е поради старата инфраструктура и многуте дефекти што не ги гледаме, односно водата се губи под земја, како и кражби на вода“, рече Дашмир Насуфи-директор на Водовод Струга.
Од ВМРО ДПМНЕ и Алијанса за Албанците велат дека повеќе од половина од водата од изворите кон системот за снабдување некаде се губи.
„Од полициските билтени забележливо е дека нема пријава за кражба од ова јавно претпријатие. Сето тоа наведува да помислиме дека нешто матно се случува за ваквите бројки. Во овие 4 години, претпријатието Водовод и канализација е во загуба од 2 милиони и 231.000 евра.Тоа е бројка за која сериозно треба да размислат и некои институции кои го надгледуваат финансиското работење“, рече Никола Кукунеш- Советник на ВМРО ДПМНЕ.
„Ако се земе во предвид и нискиот процент на наплата на фактури за вода од 78% кај правни лица, и 75% кај физички лица, тоа е резултат на неуспешно раководење со фирмата. Ако се земе во предвид дека во 2024 година од страна на општината се презеде долг од над 16 милиони денари кон ЕВН, за да на крај претпријатието ја заврши годината со загуба до 4 милиони денари, навистина има потреба од радикални мери за менаџирање“, рече Нијази Џумкар-Советник на Алијанса за Албанците.
Од двете партии велат дека доколку нема промени во начинот на управувањe, проблемот само ќе се продлабочува што ќе резултира со се почести прекини на вода и нови долгови./Алсат.мк
Мики Трајковски