Струшките плажи окупирани со лежалки, се крши законот

Речиси секоја педа од струшките плажи се покриени со лежалки и покрај законската обврска на оние кои стопанисуваат со нив, 40% од плажата да биде слободна за користење. Туристите и локалните жители, сега речиси и да нема каде да постават пешкир. Некогаш најатрактивните машка и женска плажа денес се узурпирани од ресторани и друга урбана опрема.
„Огромни замерки имаме за овие лежалки. Целиот простор е зафатен. Нема каде се постави приватно некој кој сака, бидејќи не може секој да плаќа за лежалки“…
„Повеќе плажата е зафатена со нивни лежалки, а многу малку луѓе, туристи има. И тоа најмногу ми смета. Лани не можевме воопшто да дојдеме овде да поставиме ништо. Мора лежалка. Треба тоа малку да се види. Ова е навистина безобразно, како се однесуваат и треба да се реагира…“
„…Порано како беше најубаво. Секој си носеше чадор, крпа, ќебе и поубаво беше. Сега е никако. 300 денари да дадеш за лежалки, од каде тие пари. 11.000 денари земам пензија, овде да платам за лежалка 300 денари“, реагираат туристите.
Некои пак, имаат забелешка на хигиената на плажите.
„Вистина е. Тесно е, треба малку чистење и други работи, но со текот на времето ќе се направи, местото е убаво, има и многу туристи, услугата е најдобра, па вреди да се дојде овде. Точно, хигиената не е во ред, но со текот на времето ќе се подобри“, се надева еден турист.
Од ВМРО во Струга велат дека иако надлежните служби знаат што се случува на плажите досега ништо не презеле.
„…Тие плажи се узурпирани од локални моќници и функционираат како приватни имоти. Тоа е со амин на локалната самоупшрава. Тие се узурпирани објекти кои и имателите на претходните концесии веќе ги препродале тие објекти кои се бесправни објекти од тврда градба“, рече Ален Деребан-ВМРО ДПМНЕ, Струга.
Дополнително на сè, вели Деребан, плажите со години имаат истечени договори за концесија. Но и тоа не е се затоа што дел од плажите кои се државен имот се претворени во диви паркинзи. Се обидовме да добиеме став од градоначалникот Мерко за став околу сите овие проблеми, но тој не одговараше на нашите повици. Испративме и прашање во општина Струга зошто се дозволува узурпација на дел од плажите и зошто општината не реагира, но одговор и оттаму не добивме.
Мики Трајковски