Струшките вечери на поезијата од година в година сè побледи

Првиот човек на Струга, градоначалникот Рамиз Мерко, не се појави синоќа на отварањето на 62-те Струшки вечери на поезијата, каде беа приустни министри и дипломати. Наместо Мерко, кој веќе трет месец е на црната листа на САД, дојде претседателката на Советот. Од фестивалот велат дека испратиле навремена покана до Мерко. Постарите стружани пак, велат дека речиси и да не можат да го препознаат фестивалот. Тој веќе со години има изгубено на масовноста, а политиката премногу вмешала прсти во него.
„Тоа беше празник за цел град. Познато е дека излегуваа дотерани, средени луѓето околу Дрим и очекуваа што ќе се случува. Денес таа љубов голема кон фестивалот, тој интерес голем го нема. Мислам дека политиката е пречка за тоа. Финансирањето е исто така е катастрофално, не е како некогаш. Некогаш доаѓаа многу поети, сега доаѓаат се помалку и помалку…“
„Би сакал да се врати сјајот на Струшките вечери, како што беше пред 20, 30 години, каде што Струга празнуваше и живееше тие четири-пет дена со фестивалот. Мислам дека е намален доста бројот на учесници…“, велат стружани.
Директорот на фестивалот вели дека и општината мора да даде поголем придонес за фестивалот.
„За да се врати масовноста во ова ново време мое мислење треба повеќе да се вклучат и локалните власти во анимација и организација, а и да се вклучат повеќе мултимедијални содржини во тие главни настани на свеченото отварање и затворање за да може да го привлечат вниманието на публиката…“, изјави Тодорче Тасески-директор на СВП.
Инаку, на Струшките вечери веќе со години се употребува и албанскиот јазик, што порано не беше случај. На албански се преведува и поезијата. Инаку, овогодинешен добитник на наградата Златен венец е македонскиот поет Влада Урошевиќ.
Мики Трајковски