ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Студентите бараат подобри услови во домовите

Меѓународниот ден на студентите ги затекнува повеќето студентски домови во С Македонија во очајни услови. На социјалните мрежи се објавени фотографии од студентскиот дом Стив Наумов каде тоалетите изгледаат крајно нечисто и неуредно.

Активистот Бленди Ходаи од Форумот за промени во образованието нагласи дека има информации и за болести.

„Наидовме на информации дека во овие студентски домови има наши колеги студенти кои поради лошите услови и лошите санитарни услови се заразиле со заразни болести“, рече Ходаи.

Поради тоа, денеска на иницијатива на Клубот на млади пратеници се собраа студенти, пратеници и министерот за образование Јетон Шаќири, кој рече дека ова министерство веќе има добиено проект од 20 милиони евра за реконструкција на сите студентски домови, проект кој се очекува да започне во јануари.

„Пак ќе повторам, очекувам првата фаза од овој проект да започне во јануари. Предвидено е реновирање на дел од студентските домови, исто така со овој акциски план е предвидено да се реновираат сите студентски домови во нашата држава“, вели министерот Шаќири.

Реконструкцијата се очекува да започне токму со студентскиот дом Стив Наумов. За протечените информации дека во него има заболени студенти поради лошите услови, Шаќири рече дека за тоа е одговорен директорот и оти ќе побара информации од него. И покрај ваквите декларации, буџетот за реконструкција и изградба на студентски домови е значително намален од минатата година. Според предлог-буџетот за 2023 година, за таа намена се издвоени околу 17 милиони денари, а лани имаше 25 милиони.

Ардит Рамадани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button