Студентите го чекаат огласот за субвенциониран оброк
Студентите го чекаат огласот за субвенциониран оброк

Иако помина еден месец од почетокот на академската година, се уште не е објавен огласот за субвенциониран студентски оброк. Но, студентите ќе продолжат уште извесно време да добиваат по 2400 денари наместо картички за оброк. Во меѓувреме, надлежните најавуваат законски измени, со кои студентите ќе можат поевтино да јадат во одредени ресторани.
„Очекуваме наскоро измените да бидат дефинирани и проследени до Владата, а потоа и до Собранието, за да може да распишеме повик на кој студентите ќе можат да го остварат правото на месечен паричен надоместок за набавка на здрав оброк секој ден во неделата“, велат од Министерство за образование и наука.
Пратеничката Моника Зајкова, иницијатор за овие измени, вели дека дотогаш студентите ќе продолжат да добиваат средства на нивните банкарски сметки и покрај тоа што не можат да контролираат дали тие средства ги трошат за храна или за нешто друго.
Неофицијално, се дознава дека овие измени ќе влезат во собраниска процедура следната недела. Систематското решение на кое се работи предвидува рестораните кои ќе бидат регистрирани во Министерството за образование, да им нудат на студентите специјални пакети по многу пониски цени од тие што ги имаат. Доколку ова функционира, се очекува тоа да биде финализирано до јануари. Инаку, лани повеќе од 25 илјади студенти биле корисници на оваа мерка./Alsat.mk