Субвенции за авио-линии, за летање кон Скопје помош од 7 евра, за Охрид 4,5

Државата ќе потроши пет милиони евра за да субвенционира авио-компании кои треба да воведат нови евтини авио линии за период од 2023 до 2025 година. На почетокот на март ќе биде распишан новиот јавен оглас за субвенционирање откако претходниот беше поништен поради некомплетна документација, а на кој се пријавија три авио компании. Министерот за транспорт и врски сега вели дека условите остануваат исти. Седум евра по патник за скопскиот и 4,5 евра по патник државна субвенција за компаниите кои летаат на охридскиот аеродром.
„Очекувам да отвориме нови дестинации и нови можности за граѓаните. Нема да се држиме за избор на една компанија, туку нашиот интерес е да влезат повеќе компании во авио-сообраќајот“, рече Благој Бочварски-министер за транспорт и врски.
Во меѓувреме охридскиот аеродром сè уште не е доволно искористен, а бројот на авио-линии кои летаат до и од него е многу мал. Надвор од туристичката сезона од овде оперираат само неколку фирми.
„…Воспоставувањето на нови дестинации е во рамки на интересите на комерцијалните превозници. Не можете со декрет да ги натерате да отворат авио линија“, рече Томислав Тунтев-директор на Агенција за цивилно воздухопловство.
Од Владата најавуваат дека годинава ќе започне изградбата на нова терминална зграда на охридскиот аеродром. Инаку, денеска во Охрид агенциите за цивилно воздухопловство на Македонија, Србија, Словенија и Црна Гора потпишаа Спогодба за потраги и спасување, како дел од заедничката соработка на земјите од регионот во цивилната авијација.
Мики Трајковски