Судењето против Мерко во напната атмосфера

Поранешната в.д директорка на Основното училиште во струшко Велешта, Егзона Шеи, не ги исполнувала условите за да биде поставена за в.д директорка, согласно законот за основно образование. Ова го изјави Наташа Пинтоска Беќароска од Државниот просветен инспекторат во Струга, која беше сведок во случајот во кој е обвинет струшкиот градоначалникот Рамиз Мерко.
„Градоначалникот по именувањето на в.д директор не донел одлука за распишување на јавен оглас за избор на директор, што е спротивно на законот. Со назначување на истото лице за в.д директор двапати едно подруго постапил спротивно на законот“, вели Наташа Пинтоска Беќароска- Државен просветен инспекторат- Струга.
За состојбите во училиштето известен бил не само градоначалникот, туку и министерот за образование.За овој предмет има две кривични дела, несовесно работење и фалсификување на исправи. Беше речено дека в.д директорката приложила диплома за завршено високо образование кога веќе била унапредена во директорка.
Сега судењето ќе продолжи на есен по завршување на летните одмори.Но постои опасност предметот да биде вратен од почеток.
„Мојот мандат истекува на 5-ти септември но се надевам дека има можност да биде продолжен бидејки секако дека овде има предмети кои вредат да се завршат.Најдобро би било тој кој ги почнал да ги заврши.Јас ќе се обратам за да има континуитет во предметите. Прво ќе се чека официјална одлука“, рече Јордан Јованов- судија.
„Ако немавме доволно докази немаше да се поднесе обвинението. Јас барав постапката да не се одолговлекува со оглед дека се оди на таа страна за да одбраната ја одолговлекуваат постапката за застарување“, рече Џемал Лога-заменик јавен обвинител.
Инаку денешната главна расправа се одвиваше во напната атмосфера. Градоначалникот Мерко рече дека знае зошто е обвинет, но оти не чуствува виновен за кривичното дело кое му се става на товар. Денеска продолжи судењето и за незаконското поставување на директори од страна на Мерко, уште во три други училишта. Но бидејки не се појавија предложените сведоци, истото беше одложено. Во понеделник Мерко ќе мора повторно да седне на обвинителна клупа, за случајот со набавката на луксузното ауди А6.
Мики Трајковски