Судењето за „Организатори на 27 април“ одложено за 23 јануари

Судењето за случајот „Организатори на 27 април“ е одложено за 23 јануари откако на денешното судење Јавното обвинителство дало мислење за примена на Законот за амнестија за обвинетите Миле Јанакиески, Спиро Ристески и Трајко Вељановски, а истото не се однесува на обвинетиот Владимир Атанасовски.
Како што информираат од Кривичен суд за МИА, Судот мислењето го доставил до странките во постапката и рочиштето се одложило за 23 јануари до кога треба да одлучи по барањето на странките и мислењето на обвинителство.
Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за МИА потврдија дека го дале мислењето по напатствија од Апелациониот суд кој во април годинава ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година. Оттаму најавија повеќе детали во текот на денот.
Претходно, обвинетите кои се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, поднесоа барање до Основниот кривичен суд да одлучи по поднесокот за амнестија без да се изведуваат материјални и вербални докази.