Судии и обвинители – пензионери, некои предмети ќе остарат, други од почеток

Ризик за одолговлекување и застарување на судските предмети. Од утре 60 судии и 13 обвинители, еден по друг ќе почнат да се пензионираат, бидејќи имаат навршено 62 или 64 години. Министерот за правда, Никола Тупанчевски предупредува, ако судиите се пензионираат, тогаш многу судски предмети ќе мора да почнат од почеток, а некои случаи дури и да застарат и за нив да нема правна разврска. До овој епилог дојде откако синоќа мнозинството во Парламентот не успеа да ги донесе измените во Законот за работни односи поради постапките на опозицијата.
„Одењето во пензија на судите и јавните обвинители ќе значи дека одреден, голем дел од постапките ќе треба да почнат одново. Да не заборавиме, не се работи за една или две постапки, кога се менува нели судијата во постапката тогаш процесот започнува одново. Реков, не знам колкав во моментов е бројот, меѓутоа не е мал“, рече Тупанчевски.
Опцијата да се продолжи работниот век на судиите и обвинителите е една од последните за да не дојде до блокади во судската власт. Една од опциите беше на Академија за судии и јавни обвинители да се запишат стручни соработници од судовите и обвинителствата или адвокати, а тие да имаат скратена обука поради досегашното искуство. Но, ова отпаѓа од игра, зашто преопраките од Европската Унија налагаат обуките за судии и обвинители да траат најмалку 2 години. Втората опција беше да се запишат повеќе кандидати во Академијата, но ова се овозможи дури сега кога се запишаа 97 кандидати за судии и обвинители, а е доцна да ги пополнат актуелно испразнетите места. По актуелната систематизација, низ судовите во земјава работат помалку околу 200 судии, а низ обвинителствата недостигаат 100 обвинители за да се гони криминалот.
Игор Стефановски