Судиите се независни додека не се засегнати моќниците, оценува де Брујм

Во истражување на Институтот за демократија се посочува дека правосудниот систем во земјава има многу простор за подобрување. Според Барт де Брујм, регионален координатор за владеење на правото и дипломатија во Амбасадата на Кралството на Холандија во Србија и Црна Гора, судиите во Западен Балкан се независни сè додека не се засегнати интересите на моќниците.
„Забележав дека судиите во земјите од Западен Балкан генерално функционираат независно се додека не се засегнат интересите на владејачките елити, во тој момент судијата станува повнимателен. Особено затоа што општествата се релативно мали, судиите и обвинителите не секогаш се чувствуваат сигурни да ја извршуваат својата работа самостојно“, рече де Брујм.
Холандскиот дипломат истакна дека е многу важно да има транзиција на менталитетот за да има поефикасно и понезависно судство. Според него, институциите треба да бидат поотпорни на обиди за внатрешно или надворешно заробување. Извршниот директор на Институтот за демократија како носител на истражувањето истакна дека судството во земјава е постојано на удар од политичките елити.
Од друга страна, заменик министерот за правда Агим Нухиу се согласува дека мора да се промени судската култура. Според него, за ова се одговорни самите судии.
„Северна Македонија е позитивно оценета за одобрената законска рамка за судството која е усогласена и обезбедува средства и инструменти, но реформите не можат да бидат успешни доколку не се направат промени во судската култура. Индивидуалната независност на судиите и улогата на повисоките судови во обезбедувањето единствена примена на правото дополнително придонесува за развој на правото“, рече Нухиу.
Последните истражувања покажаа дека само 8 отсто од граѓаните имаат доверба во судството во земјава. Потребна е многу работа за да се врати довербата. Овие проблеми го стагнираат и интегративниот пат на земјата.
Ардит Бајрами