Судијката Беса Адеми застана на чело на Врховниот суд

Судијката Беса Адеми е нова претседателка на Врховниот суд. Со 12 гласа „ЗА“ и еден против, Судскиот совет ја избра за позицијата шеф на највисокиот суд. Во трка за престижната претседателска фотелја во Врховниот суд беа и нејзините колеги, Џемаили Саити и Лидија Неделкова. Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев посочи дека Адеми е избрана и поради тоа што многу малку жени се шефови на судови. Здравев уверува дека немало политички притисок за тоа кој да го води Врховен.
„За мене гарантирам дека не. Јас затоа реков дека немаше да погрешиме и ако колегата Џемаили Саити го избереме за претседател на Врховниот суд, меѓутоа нијанси беа во прашање“, рече Киро Здравев, Претседател на Судски совет.
Членовите на Судскиот совет имаа пофални заборови за изборот на Беса Адеми. Својата одлука да ја поддржат ја оформиле по интервјуата со тројцата кандидати. Освен судискиот стаж, за некој од членовите пресудно било и друго.
„Главен фактор поради кој се одлучив за Беса Адеми, од причини што за прв пат на чело на највисокиот суд во нашата држава ќе биде една жена Албанка, една мајка Албанка. И честитам. Ѝ посакувам здравје, успех и се најдобро“, рече Селим Адеми, член на Судски совет.
Беса Адеми е во правосудството од 1990 – та година. Била припрваник па стручен соработник во Окружниот суд Скопје. Потоа била заменик јавен правобранител, а во 2004 – та година е избрана за судија во скопска Апелација. Во 2009 – та станува врховен судија. Адеми лани беше на чело на Советот на жалби во Врховен која правосилно го разреши Јово Вангеловски од претседател на судот. Вангеловски не е повеќе судија оти со уште тројца колеги му го укина притворот на бизнисменот на Сеад Кочан иако тој беше во бегство.
Бојан Стојановски