Судир Груби – Касами за зградата на поранешното медицинско школо
Судир Груби – Касами за зградата на поранешното медицинско школо

Одлуката на Владата потпишана од вицепремиерот Артан Груби за оставање на објектот на некогашното медицинско училиште во Тетово на трајно користење на Катастарот, првиот човек на Тетово Билал Касами ја оценува како политички реваншизам по поразот на ДУИ и СДСМ на последните избори. Касами вели дека со оваа одлука автоматски и се одземаат ингеренциите на општината над овој објект.
„Оваа одлука е злонамерна тенденција на Груби да им наштети на тетовци и да создава непотребни проблеми, во време кога на образованието во Тетово му треба простор и модернизација. Владата на СДСМ-ДУИ со оваа одлука ги напаѓа тетовци, оневозможувајќи ги да ги имаат потребните простории за нормален наставен процес. Ова е удар и за образовното наследство на Тетово, кога се знае дека оваа зграда со години дава генерации дури и во најтешките и сурови времиња за Тетово“, изјави Билал Касами, Движење БЕСА.
Касами вели дека ќе ја тужат Владата бидејќи со оваа одлука го прекршила Законот за основно и средно образование.
„Во член 112 став 2 од Законот за средно образование се вели: Сопственоста на училишните објекти и имотот на средните училишта од ставот 1 на овој член општината ја презема со одлука на Владата, и тоа од денот на конституирањето на советите на општините и од изборот на градоначалници на општините. Додека со последната одлука владата Ковачевски-Ахмети не само што го прекрши Законот за образование, туку истовремено не ги признава и одлуките на самата влада“, додаде тој.
За формирањето на коалицијата за тетовскиот совет, Касами рече дека е подготвен да разговара со сите советници, но тоа ќе се случи во септември откако сите ќе завршат со одмори./Alsat.mk
Мефаил Исмаили