Судир меѓу партиите за бегството на Блерим Рамадани
Судир меѓу партиите за бегството на Блерим Рамадани

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека одговорноста за бегството на Блерим Рамадани треба да се бара кај судијата близок до ДУИ, кој го испрати во домашен притвор. Тие повикуваат на разрешување на судијата.
„Кадрите на СДСМ и ДУИ во судството го пуштија Блерим Рамадани да избега. Потребна е итна реформа на судството. Пајазит Пајазити, судија близок до ДУИ и СДСМ, го ослободи Блерим Рамадани во куќен притвор за да избега што е можно полесно. Пајазит Пајазити е истиот судија кој донесе одлука за нападот на кулата за летање на Аеродромот, како и за условното судење на Иџет Мемети во случајот за поткуп. Секогаш кога СДСМ и ДУИ имаат интерес, тука е Пајазит Пајазити. Бараме од институциите веднаш да започнат постапка и Пајазит Пајазити веднаш да биде разрешен од должноста судија“, рече Бојан Стојановски, ВМРО-ДПМНЕ.
Според СДСМ, власта манипулира, а одговорноста треба да се бара кај министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Во меѓувреме, ВРЕДИ ја обвини ДУИ дека се обидува да го жртвува Блерим Рамадани за да предизвика тензии и да ги влоши односите со Косово.
„Главната логистика за жртвувањето на Блерим Рамадан беше Ислам Абази од Зајас, кој дејствуваше по наредба на Али Ахмети и Блерим Беџети. Постојат три судски акти кои докажуваат дека ДУИ прво работела за да не се изрече мерката куќен притвор, потоа да биде поништена и Блерим Рамадани прво да се врати во истражниот затвор, а потоа да биде екстрадиран во Србија. Планот на ДУИ беше да го искористи ова за потпалувачка реторика за да создаде револт кај Албанците и да ја обвини коалицијата ВРЕДИ“, велат од ВРЕДИ.
Судскиот совет формираше Комисија, која ќе го преиспита постапувањето на скопскиот Кривичен суд во врска со предметот за бегството на поранешниот војник на ОВК Блерим Рамадани од куќен притвор. Рамадани беше уапсен минатиот месец на граничниот премин Јажинце, откако Србија издаде меѓународна потерница во Интерпол под сомнение за воени злосторства за време на косовската војна пред 25 години. Комисијата во Судскиот совет е формирана за утврдување на фактичката состојба по пишувањето во медиумите, во која судот е должен да даде отчет за замената на ефективната мерка притвор со куќен притвор./Алсат.мк
Фатлуме Дервиши