Судир меѓу пратениците за албанскиот јазик

Албанските партии во Собранието ја искористија седницата за пратенички прашања да се судрат за етничките теми кои привлекуваат внимание во последниот период. Рина Ајдари го праша вицепремиерот Изет Меџити каков е нивниот став за албанскиот јазик, а ставовите на партнерите од коалицијата ВЛЕН ги нарече контрадикторни. Европскиот фронт предложи отворање на уставот или донесување на друг закон за албанскиот јазик. Меџити го повтори ставот од претходните денови.
„Албанскиот јазик се користи преку законот за јазици, кој е апострофиран и за заедницата која е над 20%. Што ако не е 20%? Да оставиме на судбината? Исто така, овој закон, власта во кое учествуваше ДУИ, односно министерот за правда го испрати до Венецијанската комисија за да добие мислење дали е во согласност со Уставот. Исто така, во Уставниот суд, девет од судиите се избрани од минатото мнозинство. Значи, проблемот е инициран од вас и ние сме тука да гарантираме дека албанскиот јазик ќе се користи официјално и никој не може да го прекрши“, рече Меџити.
„Дали сте подготвени да ја започнете процедурата за измена на Уставот за терминот 20% или барем во пократок период да предложите закон за официјализирање на албанскиот јазик, кој според вас не е официјален? Бевте дел од ДУИ, бевте дел од нас, бевте дури и потпретседател на ДУИ и не е во ред така лесно и во оваа форма да ми одговарате и да не преземате одговорност за сите тие години што бевте со нас. ..”, рече Рина Ајдари, пратеничка на ДУИ.
Вицепремиерот Меџити најави нов закон за игри на среќа до крајот на годината, прашан од ДУИ зошто не се намалени овие активности. Меџити рече дека наскоро ќе бидат откриени истраги против оние кои ја злоупотребиле должноста со игрите на среќа.
„Формиравме работна група од различни министерства предводени од министерот за дигитализација за борба против дивите казина и многу брзо тие ќе дојдат пред правдата и ќе се дистанцирате, ќе се срамите и да ги поздравите, а не да се дружите со нив. Ви порачувам денеска од овде, од собраниската говорница, дека до нова година ќе се воведе нов закон за приредување игри на среќа, кој ќе биде многу радикален, суров и ќе ви ги подобри грешките од минатото“, рече Меџити.
„Сега не давате лиценци на претходни фирми, туку лиценци ќе давате на фирми кои ќе соработуваат со вас. Јас искрено ќе чекам да донесете некој нов закон како што велите за да се затворат игрите на среќа“, рече Ајдари.
Денешната седница за прашања на пратениците беше според новата регулатива, кога пратениците на опозицијатапо вторпат за еден месец имаат рок од два часа да постават прашања до носителите на јавните функции.
Фатлуме Дервиши