ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Судирот меѓу Ганиу и Арсовска веројатно ќе заврши на суд

Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, најави тужба за клевета против градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, порачувајќи дека ќе се видат на суд. Тој изјави дека нема да дозволи неосновани обвинувања и инсинуации, а особено не омаловажување, иако, како што рече, ја почитува Арсовска како жена. Ганиу ѝ порача на Арсовска наместо да стане алатка на ДУИ, да ги менаџира институциите кои се во нејзина надлежност и да не дозволи граѓаните на Чаир да се гушат во нечистотија поради политичките игри кои ги игра заедно со Бујар Османи и Блерим Беџети.

Advertisements

„Тоа што секојдневно го прави е провокација, и не сакам да се симнувам на тоа ниво. Начинот нејзин – ‘ајде, каде си маж’, ‘излези’, ‘криминалецу’, ‘ти го запалија автомобилот’ – тоа е ниско ниво. Мене традицијата не ми дозволува да се расправам со жена во вакви моменти. Ја почитувам како жена. …Но, за сите нејзини обвинувања кон општина Чаир ќе се видиме на суд. Една од нив е нејзината изјава дека една зграда е легализирана, за која во целата архива не најдовме ниту еден документ. Нема никаква легализација“, вели Ганиу.

Во однос на контроверзниот потег кога со група млади лица натоварија ѓубре од Чаир и го истурија пред зградата на Град Скопје, Ганиу призна дека тоа било незаконски, но дека немале друга опција поради хаосот со отпадот. Со овој чин, вели тој, сакал да ја подигне свеста, бидејќи градските служби и „Комунална хигиена“ не ги чистат контејнерите, и Чаир е преплавен со отпад.

По инцидентот, на местото се појави и градоначалничката Данела Арсовска, придружена со своја екипа, и веднаш се вклучи во живо на Facebook, каде го обвини Ганиу дека избегал без да се соочат.

Конфликтот меѓу двајцата градоначалници ескалираше во последните две недели, откако Арсовска почна да објавува документи за наводни нелегални градби и фалсификувани легализации од страна на Општина Чаир.

Заменик-претседателот на Владата, Изет Мехџити, ги нарече овие обвинувања на Арсовска „клевета“ и најави тужби и од негова страна. Тој ја повика Арсовска да се фокусира на состојбата на јавните претпријатија кои, според него, се пред банкрот.

„Добро е што дојде во Чаир, ама добро би било да го посети и Сарај, и да ги види дивите градби, да ги види јавните претпријатија кои се пред банкрот. Да го види и Водовод, некогаш најуспешното претпријатие, кое беше на ниво на министерство, а сега е пред банкрот. Да одговори и за договорот за синот на Блерим Беџети, кој има 17 години, ангажиран за ‘интелектуални услуги’ во Комунална хигиена. Тоа се причините зошто хигиената и градот се во ваква состојба“, рече Меџити.

Мехџити додаде дека Арсовска се претворила во алатка на ДУИ и дека мажите од партијата ѝ го препуштиле теренот неа и на Левица, со цел, преку стратегија на дестабилизација, да ги заштитат функционерите од одговорност.

Ајнур Бафќари

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button