Судот во Стразбур не се изјасни за помилувањата на Иванов – жалбите на таа основа биле преуранети

Жалбите на обвинетите и осудените во случаите што ги отвори СЈО се недопуштени поради тоа што не се исцрпени сите домашни правни лекови, е веста што утрово одекна во С Македонија, а дојде од Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур.
Од ЕСЧП веста ја објавија преку соопштение за медиумите, а паралелно јавно ја споделија и одлуката испишана на 35 страници, како и краткото правно резиме во кое заклучокот за апликациите е дека тие се:
„Недопуштени (неисцрпување на домашните правни лекови)“.
Дел од поранешните државни функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, за кои тогашниот претседател Ѓорге Иванов првично донесе одлука за помилување, а потоа ја повлече, ги поднесоа апликациите жалејќи се дека се прекршени два члена од Европската конвенција за заштита на човековите права: членот 5 кој се однесува на правото на слобода и безбедност и членот 6 кој се однесува на правото на правична судска постапка.
Тезата на обвинетите и осудените беше дека еднаш дадено помилување не може да биде повлечено.
Од објаснувањето што го објави Судот од Стразбур може да се заклучи дека ЕСЧП не се впуштил во толкување на тоа дали аболицијата, како и нејзиното повлекување, биле правно издржани или не.
Една од главните пораки од одлуката е дека на националниот судски систем во Северна Македонија треба да му се даде шанса да решава за вакви жалби и да ги исправи сите евентуални прекршувања на Европската конвенција за човекови права.
Ваквиот став Стразбур го наведува во делот каде што го изнесува својот став за тоа дали имало прекршување на членот 6 (правото на правична судска постапка).
„Владата тврдеше дека апликациите се преуранети бидејќи сè уште има апелациски постапки кои се во тек за овие случаи пред судовите во Северна Македонија. Првостепениот суд или ги прогласил за валидни поништувањата, како и обвиненијата против апликантите или, пак, не ги коментирал. Владата, повикувајќи се на одредби од Законот за кривична постапка (ЗКП), тврдеше дека второстепената жалбена постапка во Северна Македонија ќе им даде можност на апликантите да ги изнесат своите аргуметни во однос на помилувањата. Покрај тоа, ЗКП дозволува вонредно преиспитување на одлуките од страна на Врховниот суд, а Судот беше задоволен што таквото барање под одредени околности ќе биде ефективен правен лек во кој апликантите би можеле да се потпрат на помилувањата и доколку победат одделно да бараат финансиски надомест“, пишува во објаснувањето од Стразбур.
Националниот судски систем, смета ЕСЧП, може директно да ја примени Европската конвенција за човекови права и затоа треба да му се даде шанса да решава по жалбите и да ги исправи евентуалните нејзини прекршувања.
Во одлуката на 35 страници судиите во Стразбур ги наведуваат аргументите на апликантите, како и одбраната на државата. Се дава и хронолошки осврт на сето она што се случувало во однос на предметите во кои се гонат апликантите, како и на помилувањата од Иванов, со сите измени и одлучувања (и на Уставниот суд) во врска со Законот за помилување.