Судот во Струга останува без судии и нема пари за комуналии

Струшкиот суд е пред колапс. Фалат судии и административен кадар. Претседателот на судот, Ифет Бајрамоски за Алсат вели дека од предвидените 15 судии, во моментот работат само шест, вклучувајќи се и себеси, иако тој според прописите, не смее да суди. Во Струга 12 години не е избран нов судија.
„Премногу се оптоварени, премногу предмети се примени во работа, како од судиите што заминаа во пензија, така и нови што доаѓаат. Состојбата е навистина страшна и вознемирувачка…“, вели Бајрамоски.
Следната година со навршени 64 години во пензија ќе заминат уште двајца суди, а наредната 2024 година уште еден. Во моментов, кај секој судија за работа поединечно има по над 300.
„…Судиите во овој суд работат и после работно време, остануваат тука. Работат и прекувремено. Дури и дома земаат во работа предмети, што не е дозволено“, додава Бајрамоски.
За ваквата состојба загрижени се и адвокатите. Велат дека има доцнење при решавањето на доставените жалби.
„Тука најмногу ќе трпат странките во постапката бидејќи ќе добијат бавна правда, а бавната правда е еднаква на неправда…“, вели Глигорие Ќатоски-адвокат.
Претседателот на судот во Струга се жали и дека институцијата нема доволно пари за тековно работење поради што тешко ги плаќаат сметките за комуналии.
Мики Трајковски