Судски совет: Судовите натрупале нови нерешени предмети

Работата на судовите за вториот квартал се оценуваат за неажурни, бидејќи од периодот од месец април па наваму го зголемиле заостатокот на предмети кои ги имале за работа, констатираа денеска членовите на судскиот совет, презентирајќи го извештајот за работата и бројот на предмети на судовите во земјава. Врховниот и Апелациониот суд Скопје се оценети како ажурни, додека од поголемите судови како неажурни оценети се основниот Кривичен суд Скопје, како и основниот граѓански суд во Скопје.
„На ниво на Република Северна Македонија, судовите во месец април 2024 година започнале со нерешени 144 507 предмети, примиле во работа 134 150 предмети, вкупно за овој квартал имале во работа 278 657 предмети. Успеале да решат 132 502 предмети, а не успеале да решат 146 155 предмети. За вториот квартал на ниво на Република Северна Македонија судовите не успеале да го совладаат приливот на предмети и го зголемиле заостатокот за 1.648 предмети“, изјави Павлина Црвенковска, член на Судски совет.