Судскиот совет ја отфрли иницијативата за одговорност во Академијата за судии и обвинители
Судскиот совет ја отфрли иницијативата за одговорност во Академијата за судии и обвинители

Државната комисија за спречување корупција повторно се судри со Судскиот совет. По повод одлуката на Судскиот совет да ја отфрли иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција за утврдување на одговорност на членовите на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители како ненавремена, Антикорупциска ја информира јавноста дека постапката за утврдување на одговорност е иницирана во рамките на законските рокови.
Судскиот совет на вчерашната седница со девет гласа „За“ и два „против“ ја отфрли оваа иницијатива со која се бараше да се најде одговорност против директорката на Академијата, Наташа Габер Дамјановска, но и против Управниот одбор. Иницијативата на Антикорупциска до Судскиот совет беше поднесена во мај годинава поради прекршување на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, како и на Изборниот законик. Оправдувањето на Судскиот совет за отфрлање на оваа иницијатива е дека Антикорупциска не ја доставила навреме.
Од Антикорупциска потенцираат дека, сепак, иницијативата е поднесена навреме.
Инаку, во април годинава за време на изборната кампања претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова поднесе претставка дека во Академијата за судии и јавни обвинители биле прекршени изборните правила со прием на 130 кандидати.
Антикорупциска тогаш донесе решение со кое ја задолжи Академијата да ја прекине постапката, но Академијата не го стори тоа и ја тужеше Антикорупциска до Управниот суд, бидејќи обуките на Академијата не претставуваат класични вработувања. Управниот суд пресуди во корист на Академијата и го врати предметот на Антикорупциска, која повторно инсистира дека со прифаќањето на овие кандидати се прекршени изборните правила.
Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ додека беше во опозиција континуирано обвинуваше дека преку Академијата за судии и обвинители, СДСМ и ДУИ ги вработуваат семејствата и роднините на нивните функционери./Алсат.мк
Суад Бајрами