Судскиот совет ќе се произнесе по извештајот изготвен по иницијативата за утврдување одговорност кај Беса Адеми

Судскиот совет денеска на седница треба да расправа и да одлучува по извештајот од Комисијата на известители во врска со иницијативата за утврдување одговорност на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми.
Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева во изјава за емисијата „360 степени“ кажа дека очекува на денешната седница, по однос на извештајот од Комисијата на известители, да биде донесена правилна одлука.
Дамева потврди дека извештајот на Комисијата на известители е готов и оти за него ќе се расправа како седма точка на дневниот ред насловена „Расправа по извештај за констатирана состојба“.
– Станува збор за извештај во којшто Комисијата, изведувајќи ги сите докази врз основа на одржана јавна расправа, го констатира тоа во документот, но би сакала да напоменам дека согласно Законот за Судски совет донесен во 2019 година, Комисијата не дава предлог до Советот во смисла на лично мислење. Само ја констатира фактичката состојба врз основа на изведени докази, врз основа на расправа. На Советот в среда останува да расправа и да одлучи, врз основа на тоа, дали има сторено повреда и доколку има, која е повредата и каква ќе биде финалната одлука, тоа ќе почекаме, појасни Дамева.