Судскиот совет констатира неправилности за случајот „Алфа“

Апелациониот суд, односно судиското тело во случајот „Алфа“, постапило спротивно на Законот за кривична постапка во жалбата на Алмир Дрпљанин за висината на казната. Во извештајот на Судскиот совет, кој го обезбеди Алсат, се наведува дека советот што постапуваше во овој предмет предводен од судијата Зоран Димитриевски, дозволил постапката да се одолговлекува, иако законот го овозможил спротивното.
„Утврдено е дека седницата повеќе пати се одложувала по барање на одбраната и не биле преземени мерки за да се спречи одолговлекување на постапката, со што се докажува дека е постапено спротивно на член 422 ст.3 од Законот за кривична постапка.“
Во членот 422 се наведува дека и без присуство на странките може да се одржи рочиште.
Член 422 ст.3 ЗКП:
„Неприсуството на странките кои редовно се известени (поканети) не го спречува одржувањето на седницата на советот.“
Последната седница по жалбата на Алмир Дрпљанин, осуден во случајот „Алфа“, се одржа на денот кога Судскиот совет ја формираше работната група за разгледување на постапките по судски предмети при Апелациониот суд. Оттогаш не се знае одлуката на Димитриевски, дали ја потврдил висината на казната, доживотен затвор. Доколку е преземена и последната мерка, тоа значи дека Апелација сепак нема да може да го достави предметот до Кривичниот суд, за да почне повторното судење против Агим Ислами, врз основа на нови докази, поточно супер вештачењето спроведено во Србија. На одлуките на Апелација за доживотен затвор странките имаат право на жалба до Врховниот суд. Тоа би значело и одложување од неколку месеци, можеби и неколку години, на штета на Агим Ислами, осуден на доживотен затвор и покрај тоа што неговиот случај е одделен од оној на Алмир Дрпљанин.
При разгледувањето на извештајот од страна на работната група, со интервенција на членовите Албанци, случајот „Алфа“ беше оквалификуван како прашање од висок јавен интерес за кој Апелација мора да постапи согласно законот и постапката да не се одолговлекува понатаму. Кривичниот суд чека затворање на предметот во Апелација, за предметот да се комплетира и биде вратен во првостепена постапка. Врз основа на новите докази, Кривичниот суд со ново судско тело треба да одлучи дали предметот „Алфа“ каде што е осуден Агим Ислами, оди на повторно судење или не. Вештачењето треба да го оценува и Бирото за судски вештачења кое го води кадар на ДУИ, поточно поранешниот министер за правда, Валдет Џафери.
Адријан Керими