Судскиот совет не дебатираше за претседателката на судот во Куманово

Судскиот совет и денеска не најде сили да ја разреши претседателката на Основниот суд Куманово, Снежана Манев. Иако на претходната седница беше прва точка на дневниот ред, највисокото судско тело во земјава се чини дека не најде заеднички јазик да назначи вршител на должноста и затоа во целост ја откажа средбата. Советот немаше официјално образложение за откажувањето на состанокот, но неофицијално се дознава дека имало разидување на мислењата и немало име кое би ја заменило Манев во судот. Засега нема најава за нова седница за ова прашање.
Претходно Судскиот совет веќе одобри извештај во кој беа констатирани бројни прекршоци на Манев, таа таа успеа да го преживее разрешувањето. Извештајот одобрен во март годинава констатираше дека Манев го злоупотребила АКМИС системот, ги нарушила колективните односи во судот и не ги документирала и образложила смената на судии во разни предмети.
Дополнително на тоа, Манев два пати беше и на психолошко тестирање. Прво на 4 јули Институтот за социлошки и политичко-правни истражувања констатираше дека таа не успеала да го положи тестот поради чувство на замор, па затоа беше препорачан следен тест за 10 дена. И покрај препораката, Манев заминала на тестирање дури на 31 август, а на 1 септември Институтот соопшти и препорача дека Манев ги исполнила условите за да биде избрана за претседателка на Основниот суд Куманово.
Прекршувањата на Манев беа одобрени и во извештајот од 13 март, кој во Советот беше изгласан со 8 гласа „за“ и 4 „против“. Претходно на 11 март министерот за правда Кренар Лога се обрати со барање до Судскиот совет за преземање итни мерки против в.д. претседателка на кумановскиот суд.
Адриан Керими