Суровото двојно убиство во Скопската чаршија останува нерасчистено

Пред 29 дена беа убиени Јетон Кривањева и Енес Исени, но и покрај тоа што помина еден месец од извршувањето на ова кривично дело, сторителите не се откриени. Неофицијално дознаваме дека овој инцидент бил продолжение на одмаздата меѓу две ривалски нарко-групи во Скопје. Потсетуваме, по извршувањето на убиството, полицијата пронајде опожарено возило ауди 6 за кое постои сомневање дека им припаѓало на сторителите на делото.
Според првиот човек на Обвинителството, Гаврил Бубевски, се истражуваат повеќе аспекти од случајот, повеќе детали за жртвите и кој бил мотивот за убиството. Во моментов случајот е во предистражна постапка. За да премине во истражна фаза мора да се знаат сторителите.
„Основното јавно обвинителство Скопје ги презема сите дејствија и ги дава сите потребни наредби и упатства за откривање на сторителите на кривичното дело. Досега сторителите не се откриени“, наведоа од Основното обвинителство Скопје.
Според информациите, убијците влегле во локалот викајќи на македонски: „Претрес, полиција“! Потоа испукале педесет куршуми, од кои 40 завршиле во телата на двете жртви.
Иако постојано се најавува ефикасна војна против криминалот, ова не е единствен случај убијци да останат неоткриени. Според МВР, од јули 2017 до јануари оваа година биле извршени 104 убиства, а за 9 од нив, иако поминале години, сторителите сè уште не се пронајдени.
За ваквите состојби денеска реагираа од Движењето БЕСА. Според нив, земјава се претвора во опасно место за живеење.
„Штом граѓаните ќе вклучат телевизија, ќе прочитаат весник или портали, директно се соочуваат со горчливи вести кои пренесуваат страв и неизвесност од страшни случувања кај нас. Сакаме да ги потсетиме граѓаните и јавноста дека многу корумпирани функционери ја избегнаа правдата и одговорноста, не си ги подмирија сметките со правдата и законот благодарение на нефункционалноста на владеењето на правото и владеењето на закон“, велат од БЕСА.
Во меѓувреме, по привременото намалување на бројот на кривични дела поради пандемијата, сега статистика се враќа на пред-пандемиската состојба. Безбедносни експерти веќе коментираа дека најзагрижувачки е тоа што голем број случаи остануваат нерешени.
Ардит Рамадани