Сушата ги празни езерата, декември најтопол во последниве 30 години
Сушата ги празни езерата, декември најтопол во последниве 30 години

Драстично опаѓа нивото на водите во езерата низ С Македонија. Коритата се празнат, а најдобар показател за алармантната состојба деновиве е вештачкото езеро Тиквеш. Порано полно, е денеска речиси сосема празно.
Намалување на нивото на водата е забележано и во другите езера во државата.
Хидролозите велат дека доколку продолжи сушниот период без дожд и снег, проблемите уште повеќе ќе се продлабочат затоа што дотокот на вода во акумулациите ќе се намали.
Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи, декември бил исклучително топол со просечни врнежи. Температурата била за 3,4 степени повисока од просечната во изминативе 30 години.
„Во споредба со просечните температури од средината на декември, за период од 1991 до 2020 година мерењата биле за 3,4 степени целзиусови повисоки од просекот на државно ниво. Највисока максимална температура е забележана на 17 декември во Битола, 22 степени. Овој месец имавме невообичаено високи температури и есенски топол бран од 7 до 12 декември. Споредено со декемвриската просечна вредност за повеќегодишен период од 64 милиметри, измерените месечни врнежи беа просечни на државно ниво“, велат од Хидрометеоролошки завод.
И покрај ниското ниво на вештачките акумулации, од Државните електрани тврдат дека сè уште се во дефинираните рамки.
Ајнур Бафќари