ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Сведочеше Трајковски, добивал закани по живот од членови на “Десна”

Сведочеше Трајковски, добивал закани по живот од членови на “Десна”

Пред да сведочам имав закани од овие психопати од партијата Десна упатени преку социјалните мрежи, рече денеска сведокот Гоце Трајковски на рочиштето за случајот со двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Првообвинетиот во овој случај Љупчо Палевски, но и останатите обвинети како сторители на делото се членови на оваа партија, а Трајковски вели дека му се заканувале дека ќе падне во бунар ако не внимава што зборува. Понатаму во текот на својот исказ Трајковски даваше детали за тоа како со таткото на Вања прегледувале снимки и посочи како тој го забележал цитроенот со кој беше грабнато девојчето уште пред тоа да го направи полицијата.

Advertisements

Трајковски рече и дека дел од снимките му ги обезбедил братучед од Велес, но и од други луѓе кои ги познавал, а дека дел од нив ги обезбедувал и по барање на полицијата. За одбраната на таткото на Вања, во исказот на Трајковски нема ниту еден спорен момент.

“Ние приговор немаме, се е во корист и во полза на одбраната на Александар, бидејќи Гоце Трајковски изнесе буквално се што знае. Дејствија кои ги преземал во текот на целата постапка, еден дел и по барање на полицијата и тоа воопшто не е спорно и човекот даде еден непристрасен исказ од кој не може да се извлече ништо што би го компромитирало Александар”, рече Владимир Туфегџиќ, адвокат на Александар Ѓорчевски.

Гоце Трајковски инаку има старо кумство со семејството Ѓорчевски, а неговото сведочење се очекуваше пред неколку рочишта, но тоа се одложи бидејќи тој беше во бегство за друго кривично дело, пред сам да и се предаде на полицијата. Трајковски и Ѓорчевски во целиот процес на потрагата по Вања воделе паралелна истрага со полицијата, обезбедувале снимки од објекти и ги прегледувале. 14-годишната Вања Ѓорчевска беше грабната и потоа убиена на 27 ноември 2023 година. Случајот за нејзиното убиство се наоѓа во доказна постапка и ќе продолжи на 14 февруари. /Алсат.мк

Михајло Донев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button