Светска банка: Северна Македонија треба да инвестира 6,4 милијарди долари за поголема отпорност кон климатските промени

Вкупно 6,4 милијарди долари ќе и требаат на земјава во следната деценија за зајакнување на отпорноста кон климатските промени, за ефикасна заштита на луѓето и имотот. Секој долар од овие инвестиции сега, ќе испорача два до десет пати повеќе поврат во иднина заради избегнати загуби и економски копридобивки. Северна Македонија може да стане земја со нето нулта емисии ако инвестира 5,6 милијарди долари до 2050 година во декарбонизација на енергетиката, транспортната индустрија и градежниот сектор. Но, ова се големи бројки и владите сами не ќе можат да ги постигнат, па 85 проценти на декарбонизацијата може да доаѓа од приватниот сектор, порача денеска директорот на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија, Масимилиано Паолучи, презентирајќи дел од Извештајот за климатски промени и развој на земјата (CCDR).
Според Извештајот, во отсуство на инвестиции за адаптација, Северна Македонија поради климатските промени до 2050 година би можела да се соочи со економски штети до четири проценти од бруто домашниот производ (БДП).