
Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Адана Гебрејесус, изјави дека го охрабрува падот на бројот на потврдени случаи на коронавирус ширум светот, но предупреди дека не треба да се олеснуваат рестриктивните мерки, кои помогнаа да се потисне ширењето на оваа инфекција.
Тедрос посочи дека бројот на пријавени случаи на коронавирус на глобално ниво се намалува веќе четири недели по ред, а бројот на смртни случаи две недели по ред, пренесува АП.
– Се чини дека овој пад се должи на земјите кои построго спроведуваат мерки за заштита на јавното здравје. Сето тоа треба да нè охрабри, но задоволството е исто толку опасно како и самиот вирус – потенцираше Тедрос.