Талат Џафери за пцуењето: „Не се извинувам!“
Талат Џафери за пцуењето: „Не се извинувам!“
Собранискиот спикер Талат Џафери нема да им се извини на службите на Собранието за пцовките и навредите на крајот од седницата пред десет дена. Тој не смета дека го прекршил Етичкиот кодекс и додава дека за ова прашање има процедура која тече во телата на Собранието.
Талат Џафери, претседател
Не чувствувам потреба да се извинам.
Нека покаже јавноста дали е нормално.
Не мислам дека сум го прекршил Етичкиот кодекс. Сè друго е внатрешна работа на Собранието.
Пцуењето не е упатено до вработените, ако слушнете како кажав. Ако го слушате тоа што ви го наметнува опозицијата, тоа е нешто друго. (Пцуењето) е кон работата, кон пристапот што треба да го работат.
Пцуењето и викањето Џафери ги оправдува со тоа што службениците не си ја вршеле работата како што треба. Спикерот на неформална средба со новинарите одби да ја разјасни ситуацијата до крај, велејќи дека тоа се внатрешни прашања на Собранието за кои јавноста не се интересира. Иако на средбата денеска присуствуваше и генералната секретарка на законодавниот дом Цветанка Иванова, спикерот не ѝ дозволи да одговара пред медиумите за овој случај.
Талат Џафери, претседател
Собраниските служби, според законот, имаат 20% поголема плата од кој било нивен колега во друга институција. Нема да дозволам во работно време да шетаат по улица „Македонија“. Треба да ги исполнат своите обврски.
Ако случајот оди до крај и има последици, за ваква грешка се сноси одговорност затоа што материјалите што беа подготвени пред гласањето на дневниот ред, како што беа подготвени, ја враќаа седницата од почеток. Да не ја забележав грешката, не знам како ќе се извлечевме од ситуацијата.
Првиот човек на Собранието им предложи на медиумите да направат анкети со вработените во Собранието, за да дознаат што мислат за третманот од негова страна.
Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ го повикува првиот човек на Комисијата за деловнички, мандатно имунитетни прашања, Панчо Минов, што поскоро да закаже седница на која ќе се расправа за дисциплинска постапка против Џафери. Засега Минов не закажува седница.
Од СДСМ пред да ја коментираат снимката велат дека треба да се погледнат сите факти.
Пред десетина дена, по прекинот на седницата во вечерните часови, Џафери им се обрати на службите со остри зборови, повикувајќи ги во својот кабинет. Се претпоставува дека овој момент бил емитуван на собранискиот канал во време кога преносот требал да биде завршен. Намерно или не од страна на службите и тоа ќе треба да се докаже.
Новинар: Фатлуме Дервиши