
Талибанците го контролираат вториот по големина авганистански град Кандахар, соопштија денеска локалните власти. „По тешките судири доцна синоќа Талибанците ја презедоа контролата врз градот Кандахар“, изјави претставник на локалната влада за Ројтерс.
Владините сили сѐ уште го контролирале аеродромот во Кандахар, кој беше втората најголема база на американската војска во Авганистан. Вчера талибанците го ставија под своја контрола и градот Херат, трет по големина во земјата и стратешки провинциски главен град во близина на Кабул, додека ја продолжуваат нивната офанзива неколку недели пред крајот на американската воена мисија во таа земја.
Кандахар и Херат досега се најголемите успеси на Талибанците кои освоија 11 од 34 главни провинциски градови, како дел од еднонеделната офанзива. Со претходното заземање на градот Газни тие го прекинаа клучниот автопат што го поврзува главниот град на Авганистан со јужните провинции во земјата.