
Владата ја повлече забраната докторите од приватните клиники или болници да не можат да се вратат и повторно да работат во јавното здравство. Сега тоа ќе биде возможно. Ова денеска на прес-конференција на која даде отчет за сработеното во изминатите 100 дена го изјави министерот за здравство Арбен Таравари, посочувајќи дека има интерес од доктори што работат во приватните клиники, а во минатото работеле во јавното здравство, а што сега повторно сакаат да се вратат.
„Имаше една забрана од Владата од август 2022 година да не можат докторите што работат во приватните клиники да преминат во јавните здравствени установи. Пред три недели помина на Влада одлуката да се тргне таа забрана. Сега подготвуваме правилник во Министерството за здравство, кој очекуваме да биде готов за десетина дена. Но, тоа нема да важи за сите доктори, туку само за докторите што се специјалисти по одредена област или што се специјалисти фармацевти или специјалисти стоматолози. Но, само доколку директорот на одредена Клиника каже дека има потреба. И тоа да бидат кадри што се веќе докажани, што во одреден период си заминале од јавното здравство, но сега гледаа некаква надеж во него“, рече тој.