Таравари е уверен дека Законот за амнестија ќе се усвои

Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, и натаму верува дека предлог-законот за амнестија ќе помине и покрај најавите од македонскиот политички блок дека може да биде блокиран. Запрашан за спротивставените ставови на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, Таравари во изјава за порталот „Нистори“ вели дека станува збор за личен став и дека Спасовски не се противел на тоа во Владата.
„Тоа е личен став на Спасовски. Владата го усвои како таков, значи како предлог на министерот за правда. Се додека е поминат на влада, тоа значи дека е предлог на владата. Спасовски е еден од членовите на Владата, таму можел да го оспори тоа. Ќе инсистираме овој закон да биде изгласан“, вели Таравари.
Спасовски денеска го повтори ставот, дека со предлог законот за амнестија не се постигнува посакуваниот ефект. Министерот Спасовски вели дека законот нема да ги растерети затворите ниту ќе ги подобри условите.
Предлогот се уште не е доставен во Собранието, бидејќи министерот Лога е надвор од земјата. Предлогот предизвика бројни реакции, особено во однос на амнестијата за двајцата осудени во случајот „Монструм“. ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе го блокира, додека СДСМ дека ќе поднесе амандмани. Со предложениот закон, околу 290 лица целосно се ослободуваат од ефективната мерка затвор, додека на над 960 им се намалува казната за 30 проценти. Без усвојување на законот, Управата за спроведување на санкции сè уште не може да даде оценка кои затвореници ќе имаат корист од амнестијата.
Адријан Керими