Таравари и Арсовска се скараа за разрешувањето на братот на пукачот од Скендербег

Јусуф Енузи го поткопа мнозинството во Град Скопје. Алијансата за Албанците може да ја прекине коалицијата со Данела Арсовска. Потегот на партијата на Зиадин Села уследи по одлуката на Арсовска да го разреши в.д директорот на „Комунална хигиена“ во Град Скопје, Зуди Енузи-Кока, кој му е брат на Јусуф.
„Мислам дека нашата приказна во Скопје завршува. За тој биде разрешен, градоначалничката на Град Скопје требаше барем да нè консултира. Ова го кажувам лично, а не како партиски став. Ќе побарам од претседателството нашата приказна во Скопје со Данела Арсовска да заврши бидејќи таа е градоначалничка. Таа го разреши него, а не ВМРО-ДПМНЕ“, рече Арбен Таравари, потпретседател на АА.
Арсовска денеска ја оправда својата одлука. Одговарајќи му на Таравари, Арсовска рече дека не може да се соработува со луѓе кои оправдуваат насилство и вооружени напади.
„Не ја разбирам ароганцијата и коментарите на господинот Таравари со самиот факт што нашата соработка заврши од синоќа. За кадровски решенија тој може да одлучува во Гостивар, а никако во Скопје. Со лице кое напаѓа, нема етички компас, оправдува насилство и напад со огнено оружје и поттикнува меѓуетнички тензии, нема основа за соработка“, наведе Арсовска.
Во Советот на Град Скопје, предизборната коалиција Алијанса за Албанците и Алтернатива се застапени со двајца советници.
Адриан Керими