ВЕСТИЗДРАВСТВО

Таравари најави тендер за нова компресорска станица на Клинички

Таравари најави тендер за нова компресорска станица на Клинички

Министерот за здравство, Арбен Таравари, потврди дека на последната седница на Владата е усвоена информацијата дека тендерот за нова компресорска станица на Клинички центар ќе треба да го распише Министерството за здравство, откако првиот тендер распишан од заедничките служби на Клинички пропадна. Прво Министерството за здравство ќе распише тендер за целосна обнова на компресорската станица, а ако повторно ниедна фирма не се јави да го изведе проектот, тогаш ќе има договарање во четири очи. Додека се реши хаваријата со компресорската станица, ќе се бара поголем ангажман од хирурзите во ГОБ „8 Септември“ и старата Градска болница, вели министерот.

Advertisements

– Се надевам што побрзо да започне процедурата и да се решат сите проблеми што ги имаме со хируршките сали кои ни се наследени. Ќе има јавна набавка зашто сакаме што потранспарентно и со побрзи рокови да го изведеме сето тоа. Како услов во тендерот ќе наведеме зафатот да се заврши за три до четири месеци. Дотогаш ќе мора да се функционира како досега, со надворешни компресори. Вака ќе функционираме до ноември или декември кога ќе заврши поставувањето на новата инсталација и новата компресорска станица – рече Таравари.

Запрашан дали проценува дека некоја фирма ќе се јави на тендерот што треба да го распише Министерството за здравство, тој истакна дека не може да прејудицира.

– Не можам да кажам со сигурност дали фирма ќе се пријави или нема да се пријави. Со оглед на тоа што оваа обврска мора да се заврши во најкраток можен рок, Министерството за здравство ја презеде обврската за јавната набавка. Ако не се пријави економски оператор, ќе одиме на опција на директен договор со изведувач што може да го сработи ова – рече Таравари.

Министерството за здравство уште ги нема добиено резултатите од анализите испратени во Германија, за да се утврди што точно е проблемот со компресорската станица од која зависат сите хируршки клиники. Таму се појавила непријатна миризба, но никој не го детектираше причинителот, а ни Таравари не добил извештај со наодите.

Здравстствените власти најавија нов Закон за здравствена заштита, но уште не е познато дали заедничките служби на Клинички центар ќе бидат посебно претпријатие или ќе останат во склоп на Клиничкиот центар. Сигурно е дека ќе има реорганизација на Клинички центар, која веќе почна со укинувањето на економските директори.

Инаку, Таравари денеска беше во посета на здравствен дом кој се гради во општина Илинден на истото место каде што беше старата амбуланта. Таравари и градоначалникот на Илинден, Александар Георгиевски, најавија дека зградата ќе биде готова до крајот на 2024 година, а сега е во фаза на карабина. Новиот здравствен дом е планиран на 600 квадратни метри, на два ката и се најавува дека ќе има 14 ординации, со што надежта е дека на граѓаните нема да им се потребни патувања од по 20 километри за да побараат здравствена услуга. Вредноста на тендерот за овој здравствен дом во изградба е 16 милиони денари.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button