Таравари: Одлуката на Уставниот суд за „балансерот“ е избрзана

Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека одлуката на Уставниот суд за „балансерот“ е избрзана, додавајќи дека „не ни требаат вакви тензични состојби“.
Според Таравари, владината коалиција имала договор прво да се донесе Законот за правична застапеност на сите заедници, меѓутоа не само етничка припадност, туку и за други категории.
Законот, како што рече, треба да се синхронизира со партнерите од коалицијата и да се пушти во парламентот.
„Уставниот суд, за жал, се судии кои што се избрани и иако судиите треба да бидат неутрални. Меѓутоа, мислам дека не ни требаат вакви тензични состојби во овој период. Напротив, ние и така имавме договор со ВМРО-ДПМНЕ пред да почне коалицијата дека треба да се договориме за Законот за правична застапеност на сите заедници и потоа „балансерот“. Меѓутоа, некако се избрза. Некој можеби сакаше да се зборува за ова и да се дефокусира од другите побитни теми“, изјави Таравари.