ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Таравари по средбата со Ковачевски: Внатрепартиска анализа за идните чекори

Таравари по средбата со Ковачевски: Внатрепартиска анализа за идните чекори

Европските реформи и борбата против криминалот и корупцијата се темите на кои разговарале првиот човек на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, на средба со премиерот Димитар Ковачевски, а од која, всушност, се очекуваше Таравари да излезе со конкретна понуда за влез во владата. Лидерот на албанската опозициска партија рече дека не ја исклучува можноста да биде вклучен во владата, но дека се уште не разговарале за понудата,  функциите и позициите.

„Точно е дека практично владата е во последниот квартал од своето работење. Мислам дека тоа е дебата што треба да се одржи внатре во партијата. Има работи за кои веројатно треба да имате храброст за да преземете одговорност, и има работи за кои веројатно не треба да ризикувате да изгубите неодредени гласачи. Значи ова треба да биде внатрепартиска дебата“, изјави Арбен Таравари, вршител на должноста претседател на Алијансата за Албанците.

Таравари вели дека е во контакт со сите парламентарни партии, и потврди  дека се оградил од ВМРО-ДПМНЕ.

„Не ни се допаѓа вокабуларот што од  неодамна го користи ВМРО-ДПМНЕ. Мислам дека ги намалуваат капацитетите за соработка со албанските партии, не само со Алијансата за Албанците. Имаме впечаток дека ВМРО-ДПМНЕ веќе се натпреварува со „Левица“ која е најнационалистичка партија, што, искрено, нам ни штети“, додаде Арбен Таравари, вршител на должноста претседател на Алијансата за Албанците.

Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека забележал оти во последниот период пратениците на Алијансата за Албанците повеќе се однесуваат како власт. Тој вели дека доколку сите албански партии решат да влезат во владата, сама ќе се создаде друга опозиција.

Иако официјално не се зборува, Алсат дознава дека Алијансата за Албанците преговара со премиерот за неколку позиции. Се преговара за  позиции во  министерството за здравство, земјоделство и екологија, како и за позициите на заменици министри за транспорт, труд и социјална политика, како и за правда. Се преговарало и за директорски позиции.

Ниту вклучувањето на Алијанса во владата не и го обезбедува на власта потребниот број пратеници за уставните измени, за што се потребни 80 гласа во Собранието./Alsat.mk

Фатлуме Дервиши

 

..

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button