
Понудата за соработка на локалните избори во октомври, која Беким Ќоку со согласност на Изет Меџити, Билал Касами и Зеќирија Ибраими ја испрати до Алијанса за Албанците, нејзиниот лидер Арбен Таравари ја доживеа како ултиматум. Таравари денеска изјави дека сака разговори а не ултиматуми.
„Еден час пред да се одржи Собрание излезе јавно писмо до медиумите, порталите, но и до нас. Еден час пред да се одржи Собрание, ми изгледаше како ултиматум, никогаш во животот не сум прифатил ултиматум од никој, зборувам како лидер на партија, сакам разговори. Да седнеме, да разговараме, но ултиматуми не прифаќам. Едноставно, сакаме разговори и договори, а не ултиматум“, рече Арбен Таравари, Алијанса за Албанците.
Понудата предвидува 35 отсто од кандидатите за градоначалник од редовите на ВЛЕН да припаѓаат на Алијанса за Албанците. . На Таравари му е понудено да предложи кандидати во Гостивар, Струга и Врапчиште, да избере кандидат општините Липково, Арачиново или Студеничани и кандидат или за Бервеница или за Чашка. Вчера Таравари рече дека и тие како АА ќе подготват понуда за ВЛЕН.
На вчерашното Собрание не беше донесена конкретна одлука дали ќе се прифати или не понудата и дали Таравари ќе оди сам или заедно со коалицијата на избори. Наместо дефинитивен одговор, кој во изминатиот период предизвика дебата и превирања на политичката сцена, на Централното собрание на партијата предводено од Таравари му треба уште време. Централното претседателство на партијата ќе ги продолжи разговорите со ВЛЕН, а паралелни средби ќе има и со ограноците на партијата за да се слушне што мислат.
Со ваквиот пристап не се согласува Беким Ќоку, претставникот на Самоопределување во ВЛЕН. Според него, во коалицијата нема простор за дилеми дали да се излезе со посебни или обединети листи. Тој е дециден дека натпреварувањето на избори надвор од коалицијата ВЛЕН им служи на ДУИ и Али Ахмети, а тие нема да поддржат вакво нешто.
„Во поновата историја, можевме јасно да видиме дека партиите кои тврдеа дека ќе излезат сами, всушност, секогаш ја носеа водата на воденицата на Али Ахмети… Како елемент на Самоопределување во оваа коалиција, со единствена улога на приврзаност и обединување, односно без никаков интерес во извршната власт и без пристрасност кон кој било од четирите партнери, чувајќи и негувајќи го духот на обединување, нема да поддржуваме ниту еден субјект што ќе се натпреварува надвор од оваа коалиција“, рече Беким Ќоку- ВЛЕН.
Таравари засега ја остави отворена можноста за соработка со ДУИ. Неофицијално, ДУИ ја нуди општина Струга, во која како можен кандидат се шпекулира Гарип Каба. Оваа опција според политичките комбинаторики треба да го исфрли Села надвор од игра за Струга./Алсат.мк
Суад Бајрами