МАКЕДОНИЈА

„Таргет Тврдина“ се одложи – Мијалков има сиптоми на корона

Сашо Мијалков има симптоми на корона вирус. Поради ова денешното рочиште за децениското нелегално прислушување, „Таргет – Тврдина“ се одложи. Неговите адвокати доставија медицинска документација, откако доцна синоќа го прегледале лекари. Денеска, Мијалков требало да направи тест за КОВИД 19. Дополнително одбраната посочи дека позитивна на корона е сопругата на Мијалков, балерината Александра.

„Го известив Судот дека вчера во вечерните часови, ме извести обвинетиот Сашо Мијалков дека има покачена телесна температура и дека има сува кашлица а истовремено неговата сопруга претходно била тестирана на тест КОВИД 19 и тестот бил позитивен. Од тие причини доставив до Судот медицинска документација и известување за нејзината состојба и за состојбата на обвинетиот“, рече Љупчо Шврговски, адвокат на Сашо Мијалков.

Судот посочи дека терминот за следното судење во петок останува. Адвокатите на Мијалков утре треба да го известат судот за исходот од тестирањето на Мијалков – дали е позитивен или негативен. Кривичен извести дека веќе од петок ќе почнат да се сослушуваат оштетени лица, кои од тогашното СЈО побарале да се провери дали се прислушувани нелегално а добиле позитивно известување. Станува збор за над 80 луѓе.

Во овој случај веќе сведочеа новинари но и бизнисмени кои со години биле прислушувани од тајната полиција додека шеф на УБК беше Сашо Мијалков. Освен него во овој случај обвинета е и екс министерката за внатрешни Гордана Јанкулоска и уште неколкумина вработени во УБК. Според обвинителството преку три системи за следење во тајната полиција незаконски биле следени над 4 илјади телефонски броеви без судска наредба а нелегално биле следени телефонските разговори на 20 илјади граѓани.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button